Ocena Teme:
  • 0 Glasov(a) - 0 Prosečno
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Ен-Нуур (Светлина)
#1
Rainbow 
СУРА

ЕН-НУУР (Светлина)

Медина - 64 ајети

Во името на Аллах, Милостивиот Сомилосен!


1. Сура што Ние ја објавуваме и обврзувачка што ја одредуваме, и во која ајети јасни објавуваме за да се сеќавате!

2. На блудницата и блудникот, одделно, удрете им по сто корбачи. Во верата Аллахова, доколку верувате и во Аллах и во Денот суден, нека не ве обзеде при казната никакво сожалување. А при казната врз нив нека биде присутна една дружина верници!

3. Блудникот нека венча само блудница или многубошка, а блудницата нека ја венча само блудникот или многубожецот! Ете, тоа за верниците, секако, е забрането!

4. А оние кои ќе фрлаат лага врз чесните жени, а за тоа нема да донесат четири сведоци, удрете им осумдесет корбачи и сведочењето нивно никогаш повеќе не примајте го. Тие се, токму, расипани!

5. Освен оние кои ќе се покајат по тоа и кои ќе се поправат. Та, Аллах, навистина, е Простувач и Сомилосен!

6. А на оние кои ќе фрлаат лага врз жените свои, кои немаат сведоци освен самите тие, сведочењето на еден од нив е да се заколне четирипати во Аллах дека тој, навистина, е меѓу искрените!

7. А петтиот пат нека се заколне со тоа дека проклетството Аллахово нека биде врз него, ако е меѓу лашковците!

8. Казната од неа ќе биде отстранета ако таа се заколне четирипати во Аллах дека тој, навистина, е меѓу лашковците!

9. А петтиот пат нека се заколне со тоа дека лутината Аллахова да падне врз неа, ако тој е меѓу искрените!

10. Е, кога не би била добрината Аллахова кон вас и милоста Негова... ! И Аллах е Простувач и Мудар!

11. За оние здруженици меѓу вас, кои дојдоа со клевета, не мислете ли дека ви донесоа зло? Но, не! Тоа, токму, е добро за вас! Секому од нив му припаѓа дел за гревот што си го спечалил. А на оној меѓу нив кој, меѓутоа, ќе претера во делот свој, најмногу, му припаѓа казна голема!

12. Па зошто кога тоа го чувте, верниците и верничките помислија за себеси добро, и не рекоа: “Ова е клевета јасна!”

13. Зошто не донесоа за тоа четири сведоци? И бидејќи не донесоа сведоци тие се кај Аллах, токму, лашковци.

14. А кога не би била добрината Аллахова кон вас и милоста Негова и на овој свет и на Ахирет би ве снашла, во она што западнавте, казна голема.

15. Кога тоа го пренесувавте со јазиците ваши и кога го кажувавте со устите ваши она за што, всушност, ништо не знаевте, сметајќи го тоа незначително, а тоа кај Аллах не е незначително,

16. кога тоа го чувте, зошто не рековте: “Што да зборуваме за ова? Возвишен си Ти! Ова е клевета голема!”

17. Аллах ве советува, ако сте верници, никогаш да не повторите такво нешто.

18. И Аллах ви ги објаснува ајетите. Аллах е Зналец и Мудар!

19. Оние кои посакуваат да се прошири срамното дело меѓу оние кои веруваат им припаѓа, навистина, казна болна и на овој свет и на Ахирет. Аллах знае, а вие не знаете.

20. А кога не би била добрината Аллахова кон вас и милоста Негова... Аллах, навистина, е Чувствителен и Сомилосен!

21. О верници, не следете ги стапалките шејтанови! А оној кој ги следи стапалките шејтанови, па, навистина, наредува срамно дело и зло. А кога не би била добрината Аллахова кон вас и милоста Негова никој од вас никогаш не би се очистил. Но, Аллах со посак Свој чисти. Аллах е Слушач и Зналец!

22. Добродушните меѓу вас и богатите нека не се колнат дека не ќе им помогнат на роднините, на сиромасите и на мухаџирите на Аллаховиот пат... Нека им простат и нека поминат преку тоа! Не посакувате ли Аллах да ви прости? Аллах е Простувач и Сомилосен!

23. Оние кои, навистина, фрлаат измислици по чесни жени вернички се проколнети и на овој свет и на Ахирет и ним им припаѓа казна голема

24. на Денот кога против нив ќе сведочат и јазиците нивни, и рацете нивни и нозете нивни за она што го работеа,

25. на Денот кога Аллах ќе го подмири долгот нивни, вистински, и ќе узнаат дека Аллах, навистина, е Вистина јасна!

26. Лоши жени за лоши мажи, а лоши мажи за лоши жени. Добри жени за добри мажи, а добри мажи за добри жени. Тие не се виновни за она што другите за нив го зборуваат. Ним им припаѓа и прошка и ‘рск благороден!

27. О верници, не влегувајте во други куќи, освен во вашите, се додека не побарате дозвола и додека не ги поздравите членовите нивни. Ете, тоа е подобро за вас за да се сеќавате.

28. Па, ако во нив не најдете никого, не влегувајте во нив додека не добиете дозвола. А ако, пак, ви се каже да се вратите, па вратете се! Тоа е почесно за вас. Аллах, навистина, го знае она што го работите!

29. Не ви е грев да влегувате во куќите невселени, а во кои се наоѓаат стварите кои вам ви припаѓаат. Аллах го знае и она што го криете и она што го обелоденувате.

30. Кажи им на верниците да го соборат опулот свој и да ги чуваат срамните места свои. Ете, тоа е почесно за нив. Аллах, навистина, е Известен за она што го работат!
31. И кажи им на верничките да ги соборат опулите свои и нека ги чуваат срамните места свои, и убавините свои, освен она што се гледа, и нека не ги покажуваат; превезите свои нека ги спуштат на градите. Убавините свои, исто така, нека не ги кажуваат на други, освен пред мажите свои и бабовците свои, или пред бабовците од мажите свои и синовите свои, или пред синовите од мажите свои, или пред браќата свои, или пред синовите од браќата свои, или пред синовите од сестрите свои, или пред пријателките свои, или пред робинките свои, или пред оние мажи кои немаат желба за жени или пред деца кои не знаат за срамните места на жените. И нека не удираат со нозете свои за да се слушне накитот што го кријат. И сите заедно покајте се, о верници, за да бидете спасени!

32. Венчавајте ги немажените и неженетите. Исто така и добрите робови ваши и робинките ваши. Ако се сиромашни Аллах ќе ги збогати од добрината Своја. Аллах е Неизмерен и Зналец!

33. Нека се воздржат оние кои немаат можност да се венчаат се додека Аллах не ги збогати со добрината Своја. А оние кои се во сопственост ваша, кои посакуваат за тоа да се склучи договор... па, склучете, ако знаете дека при нив има добро. И дајте им од имотот Аллахов кој Он вам ви го даде! Девојките кои се во сопственост ваша, не терајте ги на блуд ако тие, секако, сакаат да бидат чесни, само за да спечалите некоја корист на овој свет. А кој ќе ги натера... па, Аллах, затоа што се присилени, кон нив е Простувач и Сомилосен!

34. Ние, секако, ви објавуваме ајети разјаснети и примери со оние кои поминаа пред вас, и Ука за богобојазливите!

35. Аллах е Светлина на небесата и на земјата. Светлината Негова е слична на светилка во ѕид вдлабната; светилката е во кандил, а кандилот е како ѕвезда која светлината ја ужарува од благородното стебло на маслинката, кое не е ни источно ни западно. Зејтинот само што не свети, иако е недопрен од оган. Светлина над светлина! Кон светлината Своја Аллах упатува кого сака. Ете, така Аллах им донесува пример на луѓето. Аллах знае се!

36. Во куќите за кои Аллах дозволи да се подигаат... и во нив да се споменува името Аллахово. Го слават Него и наутро и навечер

37. луѓе кои не ги спречува трговијата и купопродажбата од споменувањето на Аллах, од клањањето намаз и од давањето зекат; се плашат од Денот во кој срцата и опулите ќе бидат вознемирени,

38. за Аллах да ги награди со она што е најубаво, за она што го работеа, и да им зголеми од добрината Своја. Аллах кому сака безмерно дарува!

39. Делата на оние кои не веруваат се како огледало во рамница, па жедниот помислува дека е вода. А штом до неа ќе се приближи ете, не ќе најде ништо. Ќе го најде Аллаха кај него и Он ќе му ја подмири сметката. Аллах е Брз Пресметувач!

40. Или, пак, како темнини во море кое го покриваат бранови еднинадруги, а над нив облаци: темнини еднинадруги натрупени така што, кога ќе се извади раката, ни прст не може да се види. На оној на кој Аллах не му дава светлина тој и нема светлина!

41. Не знаеш ли дека Аллаха го слави се она што е на небесата и на Земјата? И птиците, исто така, со крилја раширени. И се знае како да Му се клања и како да Го слави. Аллах го знае она што го работат!

42. Власта и на небесата и на Земјата е - Аллахова! Свратилиштето е - кон Аллах!

43. Не гледаш ли дека Аллах, навистина, ги турка облаците? Потоа Он ги спојува и ги натрупува еднинадруги. И гледаш како од нив излегува дожд. И како Он од облаците на небото, како брда големи, спушта град. Со него удира кого сака, а поштедува кого сака. Молњата Негова, ете, само што не ги ослепи очите!

44. И ноќта и денот Аллах ги врти наизменично! Во тоа има ибрет, навистина, за надарените со јасен опул!

45. А Аллах секое животно од вода го создаде. Некои од нив на стомак лазат, а некои од нив на две нозе одат, а некои, пак, на четири нозе одат. Аллах создава што сака. Аллах, навистина, е Кадар за се!

46. Да, Ние објавуваме ајети јасни. Аллах упатува по патот вистински кого сака.

47. И зборуваат: “Ние веруваме и во Аллах и во пејгамберот и послушни сме.” Една дружина меѓу нив, потоа, ги врти плеќите. Тие не се, токму, верници!

48. И кога ќе се повикаат кон Аллах и пејгамберот Негов за да им пресуди и на едни и на други, тогаш, една дружина меѓу нив е рамнодушна!

49. И му доаѓаат на пејгамберот потчинети, иако правдата е на страната нивна.

50. Има ли во срцата нивни болештина или се сомневаат или, пак, се плашат дека Аллах и пејгамберот Негов ќе им наштетат? Но, не! Тие се, токму, зулумќарите!

51. Кога ќе бидат повикани кон Аллах и пејгамберот Негов за да им пресудат и на едни и на други, верниците зборуваат: “Слушаме и послушни сме.” Тие се, токму, спасените!

52. Оние кои се послушни и на Аллах и на пејгамберот Негов, и кои стравуваат од Аллах и кои изразуваат богобојазливост кон Него... да, победници се!

53. Оние кои се колнат во Аллах на верност, силно изразено, дека да им наредеше сигурно ќе излезеа да се борат... кажи: “Не колнете се! Послушноста, секако, е позната работа. Аллах, навистина, е Известен за она што го работите! “

54. Кажи: “Бидете послушни и на Аллах и на пејгамберот. Па, ако ги свртите плеќите... та, тој е одговорен за она за што е задолжен, а вие сте одговорни за она за што сте задолжени. А ако, пак, Му бидете послушни ќе бидете упатени.” Пејгамберот е задолжен само да извести јасно!

55. На оние меѓу вас кои веруваа и кои работеа добри дела Аллах им вети дека ќе бидат поставени халифи на земјава како што беа поставени халифи и оние пред нив, зајакнувајќи ја верата нивна со која е Он задоволен, и стравот нивни Он со сигурност нивна ќе го замени. Мене ме обожаваат и ништо не Ми здружуваат. А оние кои не веруваат, по тоа, се расипници, навистина!

56. И намаз извршувајте и зекат давајте и бидете послушни на пејгамберот за да ви се смилува!

57. Не сметајте дека оние кои не веруваат ќе бидат моќни на земјава. Огнот е престојувалиштето нивно. Е, само колку лошо свратилиште е тоа!

58. О верници, оние кои се во сопственост ваша и оние кои уште немаат стигнато до полнолетство нека побараат дозвола од вас во три случаи: пред сабах намаз, кога ја оставате облеката ваша, на пладне и по јација намаз. Ете, тоа се три прилики ваши кога не сте облечени. По нив, ни тие ни вие немате грев да се посетувате еднисодруги. Ете, така Аллах ви ги објаснува ајетите Свои. Аллах е Зналец и Мудар!

59. Кога децата ваши ќе пораснат нека бараат дозвола да влезат како што бараа дозвола оние кои беа пред нив. Ете, така Аллах ви ги објаснува ајетите Свои. Аллах е Зналец и Мудар!

60. А жените кои веќе навлегоа во старост, кои не сакаат да се мажат, немаат грев да го тргнат превезот, но не покажувајќи ги убавините свои, а ако настојуваат да бидат чисти, па тоа е подобро за нив. Аллах е Слушач и Зналец!

61. Немаат грев ни слепиот, ни куциот, ни болниот, а ни вие самите, да јадете во куќите ваши, или во куќите од бабовците ваши, или во куќите од мајките ваши, или во куќите од браќата ваши, или во куќите од сестрите ваши, или во куќите од миџовците ваши, или во куќите од алите ваши, или во куќите од дајџовците ваши, или во куќите од тезите ваши, или во куќите чии клучеви се во сопственост ваша или, пак, кај пријателите ваши. Немате грев да јадете заедно или одделно. А кога ќе влегувате во куќите... па, поздравете ги, лично, со поздрав Аллахов, благороден и убав. Ете, така Аллах ви ги објаснува ајетите за да се вразумите!

62. Да, верници се оние кои веруваат во Аллах и во пејгамберот Негов. А кога се заедно со пејгамберот, при некоја работа заедничка, не одат се додека не побараат дозвола од него. Оние кои бараат дозвола од тебе, навистина, се оние кои веруваат во Аллах и во пејгамберот Негов. А ако, пак, побараат дозвола од тебе за некоја нивна работа, дај му дозвола на оној од нив кому сакаш, и побарај прошка од Аллах за нив. Аллах, навистина, е Простувач и Сомилосен!

63. Повикот на пејгамберот меѓу вас не сметајте го како повикот ваш кој го упатувате еднинадруги. Аллах, секако, ги знае оние меѓу вас кои бегаат кришум. Оние кои се спротиставуваат на наредбата Негова нека бидат внимателни: ќе ги снајде искушение или ќе ги снајде казна болна!

64. Се што е на небесата и на Земјата, навистина, е - Аллахово - зарем не? Да, Он ја знае состојбата ваша, и на Денот во кој ќе Му се вратат... па, ете, Он ќе ги извести за она што го работеа. Аллах знае се!
Odgovori


Skoči na Forum: