Ocena Teme:
  • 0 Glasov(a) - 0 Prosečno
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ТаХа (Та Ха)
#1
Rainbow 
СУРА

ТАХА (Та Ха)

Мекка - 135 ајети

Во името на Аллах, Милостивиот Сомилосен!

1. Та, ха!

2. И Ние Кур’анот не ти го објавивме да бидеш несреќен,

3. туку да биде Опомена за оној кој се плаши;

4. Објава е од Оној кој ги создаде Земјата и небесата високи,

5. и Милостивиот се утврди на Аршот.

6. И се што е на небесата и на Земјата и она што е меѓу нив, и она што е под изобилието е - Аллахово!

7. И ако го подигнеш гласот... та, Он, навистина, го знае и она што е тајно и она што е скришно.

8. Аллах! Нема друг бог освен Него! Најубавите имиња се Негови!

9. Па, ти дојде ли кажувањето за Муса?

10. Кога виде оган, му рече на семејството негово: “Застанете, јас, навистина, здогледав оган. Од огнот, можеби, ќе ви донесам жарче или, пак, покрај огнот ќе најдам Патоказ!”

11. И бидејќи му се приближи, беше повикан:

12. “Да, о Муса, јас сум Господарот твој. Собуј ги наланите твои, ти си, навистина, во светата долина Тува!

13. Јас те избрав и, тогаш, слушни го она што ти се објавува!

14. Јас сум, навистина, Аллах! Нема друг бог освен Мене. Па, обожавај Ме, и намаз извршувај за сеќавање на Мене!”

15. Ќе му дојде Часот на светот, навистина! Само што го кријам. За секој да биде награден за она за што се трудел.

16. Тогаш, нека не те одвраќа од него оној кој не верува во него и кој ја следи страста па да бидеш отфрлен!

17. И што е тоа, о Муса, во твојата десна рака?

18. Муса рече: “Тоа е мојот стап, врз што се потпирам и со што лисјата за овците ги тресам, и за некои други работи.”

19. Аллах рече: “Фрли го, о Муса!”

20. И Муса го фрли и, ете, змија што лази!

21. Аллах рече: “Земи ја и не плаши се. Ние ќе ја вратиме во она што беше порано.”

22. И вовлечи ја раката твоја во пазувите: ќе ти се појави бела, без кој било друга мана,

23. за Ние да ти ги покажеме знаменијата Наши големи.

24. Оди кај фараонот! Тој, навистина, падна во пакост!

25. Муса рече: “Господаре мој, отвори ми ги градиве,

26. и олесни ја работава моја,

27. и одврзи го јазолот од јазикот мој

28. за да го сфатат говорот мој!

29. Одреди ми помошник од семејството мое,

30. брат ми Харун!

31. Зацврсти ја со него моќта моја,

32. и здружи го во работава моја

33. за да Те величаме многу,

34. и за да Те споменуваме многу.

35. Ти, навистина, не гледаш!

36. Рече: “Дадено ти е она што го бараше, о Муса!

37. И веќе по втор пат Ние те одликувавме,

38. кога и вдахнавме на мајката твоја само со она што се вдахнува:

39. “Стави го Муса во ковчег и фрли го во брановите, а брановите ќе го исфрлат на крајбрежјето, и ќе го земе непријателот мој и непријателот твој. И врз тебе фрлив љубов од Мене и, секако, да растеш под окото Мое.”

40. И кога сестрата твоја помина... па, рече: “Сакате ли да ве упатам кој ќе се грижи за него?” И те вративме кај мајка ти за да се смират очите нејзини и да не се грижи. И ти уби човек па Ние те избавивме од грижата и те спасивме од сплетките. И со години остана меѓу жителите на Медјен а потоа дојде, о Муса, во време определено!

41. А Јас те одбрав за објавата Моја.

42. Одете, ти и брат ти, со знаменијата Мои, и постојано сеќавајте се на Мене!
43. Одете кај фараонот, тој, навистина, падна во пакост,

44. па, зборувајте му со благи зборови, можеби, тој ќе се опомени или ќе се заплаши.”

45. Рекоа: “Господаре наш, Ние, навистина, се плашиме да не ни нанесе зло или да не ни напаствува!”

46. Рече: “Не плашете се! Јас сум, навистина, со вас: и слушам и гледам!”

47. Одете, тогаш, кај него и речете му: “Ние сме пејгамбери од Господарот твој, па испрати ги со нас синовите Израилови и не казнувај ги. Ние, секако, ти дојдовме со знамение од Господарот твој. И нека е селам врз оној кој го следи Патоказот!

48. Да, нам ни е објавено дека ќе биде казнет оној кој лаже и оној кој ги врти плеќите.”

49. Фараонот рече: “Па, кој е Господарот ваш, о Муса?”

50. Муса рече: “Господарот наш е Оној кој на секое нешто му даде создателство а потоа го упати.”

51. Фараонот рече: “Па, што се случи со поколенијата одамнешни?”

52. Муса рече: “Знаењето за нив е кај Господарот мој, во Книгава. Господарот мој не скршнува во заблуда и не заборава.”

53. Он ви ја одреди Земјата за крошна и по неа ви пробива патишта, и од небо ви спушта вода, па со помош нејзина, Ние вадиме парови на растенија различни.

54. Јадете и пасете го добитокот ваш. Во тоа, навистина, има знаменија за надарените со разбир.

55. Од земја Ние ве создадовме и во неа ќе ве вратиме и од неа повторно ќе ве извадиме.

56. И Ние веќе сите докази на фараонот му ги предочивме... кога, ете, ги сметаше за лажни и ги отфрли.

57. Рече: “Ни дојде ли, о Муса, да не истераш од земјава наша со волшебништвото твое.

58. И Ние ќе ти подготвиме волшебништво, сосем сигурно, на ова слично. Одреди меѓу нас и меѓу тебе средба која ни ние ни ти не ќе ја откажеме, и на исто место.”

59. Рече: “Време за средбата ваша нека биде денот на знамето, и луѓето нека се зберат наутро!”

60. И фараонот си замина, ги собра волшебниците свои и потоа, ете, пак се врати.

61. Муса им рече: “Тешко вам! Не фрлајте лага врз Аллах, зашто ќе ве уништи со казната. Пропадна оној што измислуваше лаги, секако!”

62. И оние, шепотејќи нечујно, прерасправаа еднисодруги за работата своја.

63. Рекоа: “Овие двајца се волшебници кои сакаат да ве истераат, со волшебништвото свое, од земјата ваша, и да ви го одземат Патот ваш примерен.

64. Па, соберете ги итрините ваши а потоа дојдете едензадруг. Да, денес ќе биде спасен оној кој ќе победи!”

65. Рекоа: “О Муса, или ти ќе фрлиш или, пак, ние ќе фрлиме први.”

66. Рече: “Не, фрлете вие!” Ете, јажињата нивни и стаповите нивни, му се причини дека тргнаа од волшебништвото свое.

67. И Муса, тогаш, во себеси почувствува страв некаков.

68. Ние рековме: “Не плаши се, ти, навистина, ќе победиш!”

69. И фрли го она што е во десната рака твоја: тоа ќе го голтне она што го направија. Она што оние го направија, навистина, е итрина волшебникова. А волшебникот не ќе успее и каде било да се најде!”

70. И волшебниците паднаа со лицата на земја, велејќи: “Ние веруваме во Господарот и на Харун и на Муса!”

71. Рече: “Му поверувавте ли пред да ви дозволам? Тој, навистина, е поголем од вас, кој ве поучи во волшебништвото. Па, сигурно ќе ви ги исечам и рацете ваши и нозете ваши, вкрстени одзади и ќе ве распнам по ветките урмини и сигурно ќе узнаете кој од нас е посилен и поистраен казнувач?”

72. Рекоа: “Нема да ти дадеме предност над јаснотиите што ни дојдоа и над Оној кој не создаде. Па, реши за она за што можеш да решиш. Ти решаваш само за она што е, навистина, од животот на овој свет.”

73. “Да, ние веруваме во Господарот наш; да, ќе ни ги прости гревовите наши и во волшебништвото во кое ти не присили. Аллах најдобро наградува и најдолго казнува!

74. Да, на силникот кој ќе дојде кај Аллах ќе му припадне Џехеннемот; во него не ќе умира и не ќе живее.

75. А на верниците кои ќе дојдат кај Аллах, кои работеа добри дела... та, ќе им припаднат степени високи:

76. бавчи џеннетски на Адн, меѓу кои реки течат и во нив за навек ќе останат. Ете, тоа е награда за оној кој е чист.

77. И Ние веќе му вдахнавме на Муса: “Отпатувај ноќе со робовите Мои, а потоа покажи им го патот сув низ море, не стравувајќи дека ќе те стигнат и дека ќе те потопат!”

78. И фараонот ги следеше со војската своја, но морските бранови ги разнесоа.

79. И фараонот го скршна во заблуда народот свој и не го упати по Патоказот.

80. О синови Израилови, Ние ве избавивме, навистина, од непријателот ваш и ви ја ветивме десната страна од брдото Тур, и ви спуштивме и мана и препелица!

81. Јадете од добрата со кои Ние ве
снабдевме и во тоа не бидете насилници за да не ве обзеде лутината Моја. Оној кого ќе го обзеде лутината Моја тој веќе се нурна во бездна.

82. Јас сум, навистина, Простувач за оној кој ќе се покае, кој верува и кој работи добро и кој, потоа, ќе се упати.

83. “И што те натера да побрзаш, о Муса, пред народот твој?”

84. Рече: “Оние, токму, се по трагите мои, а јас кон тебе побрзав, о Господару мој, да бидеш задоволен!”

85. Аллах рече: “Да, народот твој Ние по тебе го ставивме во искушение; го скршна во заблуда Самирија.”

86. Па Муса му се врати на народот свој, лут и гневен, и рече: “О народе мој, нели Гопсподарот ваш ви вети ветување убаво? Ви се одолговлечи ли договорот? Или, пак, сакате да ја навлечете на вас лутината на Господарот ваш? И ете, така вие го изневеривте ветувањето кон мене.”
87. Рекоа: “Не го изневеривме ветувањето кон тебе по волја наша, туку бевме товарени со товари од накитите на народот; потоа тоа го фрливме, а го фрли, исто така и Самирија.”

88. Па, им изнесе теле отелотворено. Како да рика. И тогаш рекоа: “Ова е богот ваш и богот на Муса; а тој веќе го заборави.”

89. Не гледаат ли дека тоа не им возвраќа ни збор, и дека нема моќ да им штети или да им користи?

90. Ним Харун, секако, им зборуваше и порано: “О народе мој, со тоа вие се пробате. Господарот ваш, навистина, е Милостив! Па, следете ме и бидете и послушни на наредбата моја!”

91. Рекоа: “Нема да престанеме да се придржуваме за него се додека не ни се врати Муса.”

92. Муса рече: “О Харун, што те спречи, кога ги виде како скршнаа во заблуда?

93. Да не ме следиш и да заборавиш на наредбата моја.”

94. Харун рече: “О синко на мајка ми, не тегни ме за брадава и за косава. Се плашев да не речеш направи раздор меѓу синовите Израилови и не ги зема предвид зборовите мои.”

95. Рече: “Каква врска имаш ти со тоа, о Самарија?!”

96. Овој рече: “Јас го видов она што тие не го видоа: зграбив нешто од трагите на пејгамберот, а потоа го фрлив. И ете, така во душава ме поттикна нешто на зло.”

97. Муса рече: “Бегај, ова ли ќе го тврдиш низ целиот живот твој, навистина! - ‘Не допирај ме!’ Те чека и ветувањето кое, навистина, не ќе го избегнеш. И погледни го овој твој бог кому му се оддаде. Ќе го запалиме, сигурно! И пепелот низ морето ќе го фрлиме!

98. Вашиот бог, навистина, е Аллах; нема друг бог освен Него. Знаењето Негово ги опфаќа сите нешта.”

99. И ете, така Ние ти ги кажуваме кажувањата за оние кои веќе поминаа. А од Наша страна ти дадовме, секако, Опомена.

100. Кој ќе биде рамнодушен кон него ќе понесе на Денот суден тешко бреме, навистина!

101. И за навек ќе остане во таа тешкотија. Е, само колку е лош за нив тој товар на Денот суден!

102. На Денот кога ќе се дувне во Сурлата... на Денот тој, кога Ние ќе ги збереме силниците, а тие подбелени!

103. Ќе си шепотат еднинадруги: “Останавте само десет дена.”

104. Ние најдобро го знаеме она што го зборуваат. И кога ќе рече оној,најпаметниот од нив: “Останавте само еден ден!”

105. И те прашуваат за брдата, па, кажи: “Господарот мој ќе ги здроби во прашина,

106. а местата во кои биле ќе ги остави пусти,

107. па, по земјата не ќе видиш ни кривина ни пречка.”

108. На Денот тој, ќе го следат оној што ќе ги вика и за него не ќе има пречка. И гласовите ќе замолчат пред Милостивиот и само шепот ќе слушнеш.

109. На Денот тој посредувањето ќе му користи само на оној кому ќе му дозволи Милостивиот и со чиј говор Он ќе биде задоволен.

110. Он го знае и она што е пред нив и она што е зад нив; оние со знаењето не можат да Го опфатат.

111. А лицата ќе бидат потчинети пред Живиот и Постојаниот. Ќе пропадне, сигурно, оној што ќе понесе зло бреме!

112. Оној кој работи добри дела е - верник, не се плаши ни од штета ни од неправда.

113. И ете, така Кур’анот Ние го објавивме на арапски јазик и во него ги поредивме ветувањата за да бидат богобојазливи или опоменувачки да влијае врз нив.

114. Па, Аллах е Вишен! Владар вистински! И не брзај со Кур’анот пред да ти се заврши вдахновението негово. И кажи: “Господаре мој, зголеми го знаењето мое!”

115. И на Адем, сигурно, Ние му препорачавме. Потоа тој заборави. И кај него не најдовме решителност.

116. И кога Ние им рековме на мелеките: “Паднете му на сеџде на Адем и, ете, паднаа на сеџде, освен Иблисот кој го отфрли тоа.

117. Тогаш Ние рековме: “О Адем, овој, навистина, е непријател, твој и на жената твоја. Па, така, никако нека не ве истера од Џеннетот; ќе се унесреќите.

118. Да, во Џеннетот не ќе останеш ни гладен ни гол;

119. да, во Џеннетот не ќе останеш ни жеден ни испотен.”

120. Па, Шејтанот, дрдорејќи му, рече: “О Адем, да те натерам ли да се приближиш до стеблото на вечноста и на власта која не исчезнува?”

121. И двајцата пробаа од него, и започнаа, тогаш, да им се покажуваат нивните срамни места, и почнаа да ги покриваат, фрлајќи врз нив лисја џеннетски. И Адем не го послуша Господарот свој па скршна од патот.

122. Потоа Господарот негов го избра, му прости и го упати.

123. Рече: “Слегувајте од него сите! Еднинадруги ќе бидете непријатели. “Ќе ви доаѓа од мене Патоказ, сигурно! Па, кој ќе го следи Патоказот мој не ќе скршне во заблуда и не ќе зажали.

124. А кој ќе биде рамнодушен кон опомената моја за него, навистина, има безизлезен живот, и на Денот суден Ние ќе го приведеме слеп.

125. Ќе рече: “Господаре мој, зошто ме преведе слеп, а јас гледав.”

126. Аллах ќе рече: “Ете, така! Ти доаѓаа ајетите Наши па забораваше на нив. И ете, така денес ќе бидеш заборавен.”

127. И ете, така Ние ќе ги казнеме оние кои претеруваа... и кои не веруваа во ајетите од Господарот негов. А казната на Ахирет, сигурно, е пожешка и потрајна.

128. Не се ли упатени кон тоа колку поколенија пред нив Ние уништивме по чии домови оние, токму, одат. Во тоа, навистина, има знаменија за надарените со разбир!

129. И да не претходеше зборот на Господарот твој, казната ќе беше неминовна и, ете го крајот определен!

130. Стрпи се за она што го зборуваат. И величај Го, заблагодарувајќи се, Господарот твој, пред изгрејсонце и пред зајдисонце, и во доцнежните часови. И на крајот на денот, исто така, за да бидеш задоволен!

131. И не фрлај го долго опулот твој кон она што Ние одредивме да биде тој задоволен, од чии видови има и цвеќе за животот на овој свет, за да ги испробаме во тоа. ‘Рскот од Господарот твој е најдобар и најтраен!

132. И нареди му на семејството твое намаз! И истрај во тоа! Не бараме од тебе да се снабдуваш. Ние, токму, те снабдевме. За богобојазливите крајот е добар.

133. И зборуваат: “Зошто не ни дојде ајет од Господарот негов?” Не им дојде ли јаснотија за она што е во страниците одамнешни?”

134. А Ние со казна да ги уништивме пред него ќе речеа: Господаре наш, зошто не ни испратиш пејгамбер? Ќе ги следевме ајетите Твои и пред да сме понижени и отфрлени!”

135. Кажи: “Сите чекаат. Па чекајте и вие. Ќе узнаете кои се Следбениците на патот вистински и кои се упатените!
Odgovori


Skoči na Forum: