Ocena Teme:
  • 0 Glasov(a) - 0 Prosečno
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Ибрахим (Ибрахим)
#1
Rainbow 
СУРА

ИБРАХИМ (Ибрахим)

Мекка - 52 ајети

Во името на Аллах, Милостивиот Сомилосен!


1. Елиф, лам ра! Книга која Ние ти ја објавивме за да ги изведеш луѓето од темнини во светлина, со одобрението од Господарот нивни, кон Патот на Силниот и за благодарност Достојниот:

2. Аллах, чија сопственост е с# она што е на небесата и на Земјата. Тешко на неверниците од казната жестока!

3. Оние кои повеќе го љубат животот на овој свет од животот на Ахирет, и кои одвраќаат од Аллаховиот пат, и кои настојуваат да го искриват... оние се скршнати во заблуда далечна!

4. И Ние испративме пејгамбер само на јазикот од народот негов за да им објасни. Па, Аллах скршнува во заблуда кого сака и Он упатува кого сака. Он е Силен и Мудар!

5. И Муса, секако, Ние го испративме со знаменијата Наши: “И изведи го народот свој од темнини во светлина. И опомени го со деновите Аллахови.” Во тоа, навистина, има знаменија за секој кој е трпелив и благодарен!

6. И кога Муса му рече на народот свој: “ Сетете се на благодатот Аллахов кон вас кога Он ве избави од луѓето фараонови, кои ви задаваа најлоша казна, кои ги колеа синовите ваши а ги оставаа во живот ќерките ваши. Ете, имавте белја голема од Господарот ваш!”

7. И кога Господарот твој возгласи: “Да, ако сте благодарни ќе ви зголемам, а ако не сте благодарни... казната Моја е жестока, навистина!”

8. И Муса зборуваше: “Ако не верувате, и вие и сите оние на земјата... та, Аллах, навистина, е Богат и за благодарност Достоен!”

9. Не ви дојде ли кажувањето за оние пред вас, за народот на Нух, за Ад и за Семуд? И за оние по нив. Само Аллах ги знае! Им донесоа пејгамберите нивни јаснотии и оние, ставајќи ги рацете свои на устите, зборуваа: “Да, не веруваме во она со што сте испратени. И ние сме, навистина, во сомнение и во неизвесност во она кон што не повикувате!”

10. Пејгамберите нивни рекоа: “Ќе се сомневате ли во Аллах, Создателот на небесата и на Земјата? Он ве повикува за да ви ги прости гревовите ваши и да ви даде рок се до едно време определено .” Зборуваа: “Вие сте само луѓе нам слични. Посакувате да не одвратите од она што го обожаваа предците наши... та, донесете ни доказ јасен!”

11. Пејгамберите нивни им зборуваа: “Ние сме, навистина, само луѓе вам слични. Но, Аллах дава предност кому сака од робовите Свои. И не е наше да ви донесеме доказ освен со одобрението Аллахово. Па, врз Аллах се потпираат верниците!

12. И не ни остана ли освен да се потпреме врз Аллах кога Он, секако, не упати по патиштата наши. Ќе бидеме трпеливи, сигурно, на маките што ќе ни ги задавате. И врз Аллах се потпираат оние кои, токму, се потпираат!”

13. И оние кои не веруваа им зборуваа на пејгамберите свои: “Ќе ве истераме, сигурно, од земјава наша. Или, пак, сигурно ќе се вратите во верата наша.” Па, им објави Господарот нивни: “Ние сигурно ќе ги уништиме зулумќарите,

14. и вас ќе ве сместиме на земјата по нив. Ете, тоа е за оној кој се плаши од стоењето пред Мене и кој стравува од Мојата закана!”

15. И оние бараа да победат. И така секој силник тврдоглав пропадна!

16. Џехеннемот е зад плеќите нивни. И ќе се напојува од вода смрдлива,

17. која ќе настојува да ја голтне малку по малку, но не ќе може да ја пренесе низ грлото; и смртта ќе му дојде од секоја страна, но не ќе може да умре. И зад него има казна тешка.

18. Делата на оние кои не веруваат во Господарот свој се слични на пепел кој ќе го разнесе виорот во бурен ден. И ништо не ќе им вреди она што го спечалија. Ете, тоа е, токму, беспаќе далечно!

19. Не гледаш ли дека Аллах ги создаде небесата и Земјата со вистина? Ако посака ќе ве снема и ќе донесе ново создавање?

20. За Аллах тоа не е тешко.

21. И сите ќе се зберат кај Аллах. Па, слабите ќе им речат на оние кои се сметаа горделиви: “Да, ние ве следевме. Па, можете ли вие, барем малку, да ни ја намалите казната Аллахова?” Ќе речат: “Да не упатеше Аллах и ние ќе ве упатевме, навистина! Нам ни е сеедно: ќе лелекаме ли или ќе трпиме, не можеме да се спасиме.”

22. И бидејќи работата ќе биде решена, Шејтанот ќе рече: “Да, Аллах ви вети ветување вистинско, а јас ветувањето мое го изневерив. Немав никаква власт над вас, но само што ве повикав вие ми се оѕвавте. Па, не грдете ме, грдете се самите себеси. Јас не сум ваш поддржник, а и вие не сте мои поддржници. Јас, навистина, не верувам во она што ми го припишувавте порано. За зулумќарите, секако, има казна болна!”
23. А оние кои веруваа и кои работеа добри дела ќе влезат во Џеннетот низ кој реки течат и во него, со одобрението Аллахово, за навек ќе останат. Поздравот нивни во него ќе биде: Селам!

24. Не виде ли кога Аллах донесе пример: добриот збор е како добро стебло; основата му е цврста, а гранките кон небо,

25. кое ги дава плодовите свои во секое доба, со одобрението од Господарот свој, и Аллах им донесува примери на луѓето за да се сеќаваат;

26. примерот: лошиот збор е како лошо стебло, откорнато над земја кое нема своја утврда.

27. Аллах ги уцврстува оние кои веруваат со цврст говор во животот на овој свет и во животот на Ахирет. Аллах ги скршнува во заблуда зулумќарите и Аллах работи со посак Свој.

28. Не ги виде ли оние кои го изменија Аллаховиот благодат како паднаа во неверство и како го доведоа народот свој во Куќата на пропаста,

29. во Џехеннемот во кој ќе се пржат. Е, само колку е лоша таа утврда!

30. И оние Му припишуваа на Аллах здруженици за да скршнуваат некого, во заблуда, од Неговиот пат. Кажи: “Уживајте само малку зашто, навистина, свратилиштетот ваше е - кон огнот!”

31. Кажи им на робовите Мои, кои веруваат, нека клањаат намаз, и нека делат од ‘рскот Наш кој им го дадовме, било тајно било јавно, пред да настапи Денот во кој нема ни продажба ни пријателство.

32. Аллах е Оној кој ги создаде небесата и земјата, и кој спушта вода од небото, а со неа вади плодови како ‘рск ваш. И ви го потчини бродот кој плови по морето со наредбата Негова; ви ги потчини и реките.

33. И ви ги потчини и Сонцето и Месечината кои деноноќно се движат; и ви ги потчини ноќта и денот.

34. И ви даде од се она што Му баравте. И ако ги броите благодатите Аллахови не ќе можете да ги изброите. Човекот, навистина, е голем зулумќар и голем неверник!

35. И кога Ибрахим рече: “Господаре мој, направи го овој град безбеден. И мене и синовите мои оддалечи не од обожавањето кипови!

36. Господаре мој, оние, навистина, скршнаа во заблуда луѓе многу, па, кој ќе ме следи тој, секако, е со мене, а кој ми е непослушен... па, Ти си, навистина, Простувач и Сомилосен!

37. Господаре наш, дел од потомството мое го населив во долина една, неплодна, при Куќата Твоја света, Господаре наш, за да извршуваат намаз. Одреди, тогаш, срцата човечки да стремат кон нив и снабди ги со благодатите за да се заблагодаруваат!

38. Господаре наш, Ти, навистина, го знаеш она што го криеме и она што го обелоденуваме. И на небесата и на Земјата нема ништо за Аллах скриено.

39. Благодарение на Аллах кој во старост ми го подари Исмаил и Исхак. Господарот мој, навистина, е Слушач на молбите!

40. Господаре мој, одреди јас и дел од потомството мое, да бидеме постојани во намаз; Господаре наш, прими ги молбите!

41. Господаре наш, прости ни, и мене и на родителите мои, и на верниците на Денот во кој ќе се оствари пресметката!”

42. И во никој случај не сметај дека Аллах е невнимателен кон она што го прават зулумќарите. Аллах, навистина, ги остава до денот во кој очите ќе се скаменат, отворени;

43. и дека ќе трчаат преплашени, со дигнати глави, очите ококорени а срцата празни.

44. И опомени ги луѓето за Денот во кој ќе им дојде казната кога оние кои правеа зулум ќе речат: “Господаре наш, остави не за кратко време; ќе се оѕвиеме на повикот Твој и ќе ги следиме пејгамберите.” - “Нели се колневте од порано дека никогаш не ќе исчезнете?”

45. И живеевте во домовите на оние кои направија зулум за себеси, и ви стана јасно како постапивме со нив. Па, за вас донесовме примери.

46. Оние, секако, правеа сплетки, а сплетките нивни се под волјата Аллахова, а сплетката нивна не може да ги помести ридовите.

47. Па, никако не сметај дека Аллах ќе го изневери ветувањето Свое кон пејгамберите Свои. Аллах, навистина, е Силен и Одмаздник!

48. на Денот кога земјата ќе биде заменета со друга земја, па и небесата; и кога сите ќе излезат пред Аллах, Единствениот и Моќниот!

49. И ќе ги видиш силниците на Денот тој, врзани во синџири,

50. а кошулите нивни од катран, а лицата нивни покриени со пламен,

51. за Аллах да ја казни секоја душа за она што го спечалила. Аллах, навистина, е Брз Пресметувач!

52. Ете, ова е известување за луѓето со него да бидат опоменати, и да знаат дека Он, навистина, е еден Бог, и за да се присетат надарените со разбир!
Odgovori


Skoči na Forum: