Ocena Teme:
  • 0 Glasov(a) - 0 Prosečno
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Ел-Хашр (Протерување)
#1
Rainbow 
СУРА

“ЕЛ-ХАШР” (“Протерување”)

Медина -24 ајети

Во името на Аллах Милостивиот Сомилосен!


1. Аллаха го слави и она што е на небесата и она што е на Земјата. Он е Силен и Мудар!

2. Он е оној кој ги изведе оние кои не веруваат меѓу Следбениците на Книгата од домовите нивни при првото протерување. Вие и не помислувате дека ќе си отидат. А тие, всушност, помислуваа дека тврдините нивни ќе ги заштитат од Аллах. Па, така, Аллах им даде казна отаде од каде што не се надеваа. И Он во срцата нивни внесе страв: ги рушеа домовите свои и со рацете свои и со рацете на верниците. Тогаш, земете ука, о островидни!

3. А Аллах да не им пропишеше прогонство, ќе ги казнеше на овој свет, сигурно! А на Ахирет за нив има казна огнена!

4. Ете, тоа е заради тоа што се одвоија и од Аллах и од пејгамберот Негов. И секој оној кој прави раздор во однос на Аллах... па, Аллах, навистина, е Строг Казнувач!

5. Урмите што ги посековте или што ги оставивте да стојат врз корените нивни... тоа го направивте со одобрението Аллахово за да ги уплашите расипаните!

6. Се она што Аллах направи за да стигне пленот до пејгамберот Негов... вие не ги впрегнавте за тоа ни коњите, ни камилите... туку Аллах им донесува власт на пејгамберите над кого сака, а Аллах, секако, е Кадар за се!

7. Се она што Аллах направи да стигне пленот до пејгамберот Негов од жителите на градот па... тоа му припаѓа на Аллах, и на пејгамберот, и на ближните, и на јетимите, и на сиромашните, и на патниците... да не би поминувало од раце в раце на богатите меѓу вас. А она што ќе ви го даде пејгамберот - прифатете го, а она што ќе ви го забрани - забранете го! Плашете се од Аллах! Аллах, навистина, е Жесток Казнувач!

8. Им припаѓа на сиромашните мухаџири кои се истерани од домовите свои и од имотите свои, тежнеејќи кон задоволството и добрината Аллахова; и кои го помагаат Аллаха и пејгамберот Негов. Оние, токму, се искрените!

9. И оние кои ја спремаа Медина за живот и за иман уште пред нив: кои ги сакаа оние што се иселија кај нив, и кои не наоѓаат во градите нивни никаква потреба од она што им е дадено, зашто ги сакаат повеќе од самите себеси, иако кај нив има недостиг! А оние кои ќе се сочуваат од лакомост, па оние, токму, се спасените!

10. Оние кои дојдоа по нив, зборуваат: “Господаре наш, прости ни, нам и на браќата наши, и на оние кои ни претходеа во иманот, а срцата наши, пак, сочувај ги од злоба, кон оние кои веруваат. Господаре наш, Ти си, навистина, Сочувствителен и Сомилосен!

11. Не ги гледаш ли оние кои дволично се однесуваат како им зборуваат на браќата свои што не веруваат меѓу Следбениците на Книгата: “Ако бидете истерани и ние со вас, сигурно, ќе излеземе и никојпат никому против вас нема да бидеме послушни, а ако, пак, бидете нападнати, ќе ви помогнеме, сигурно! А Аллах сведочи дека се тие лашковци, навистина!

12. А ако, пак, бидат истерани, не излегуваат со нив,а ако бидат нападнати, не им помагаат; а ако, пак, им помогнат, ќе побегнат, сигурно! И потоа ќе останат беспомошни!

13. Повеќе стравуваат од вас, во градите свои, отколку од Аллах. Ете, тоа се луѓе кои, навистина, не разбираат!

14. Тие заедно се борат против вас само во градовите утврдени или зад ѕидовите. Јачината своја ја покажуваат само едникондруги. Помислуваш дека се сложни, а срцата пак им се разединети. Ете, заради тоа што се луѓе кои не сфаќаат, навистина!

15. Слични се на оние пред нив, не многу далеку, кои непосредно ги вкусија последиците на постапката своја: за нив, меѓутоа, има казна болна!

16. Слични се на Шејтанот кога ќе му рече на човекот: Не верувај! И бидејќи не ќе верува, ќе рече: Јас сум, навистина, далеку од тебе. Да, јас се плашам од Господарот на световите!

17. И двајцата ќе бидат казнети; во огнот ќе останат за навек, навистина! Ете, тоа е казната за зулумќарите!

18. О верници, плашете се од Аллах, и секој човек нека го погледа она што го направил за утре! Плашете се од Аллах. Аллах, навистина, е Известен за она што го работите!

19. И немојте да бидете како оние кои заборавија на Аллах... та, самите на себеси заборавија. Онаквите, токму, се расипаните!

20. Не се еднакви жителите на огнот и жителите на Џеннетот. Жителите на Џеннетот, токму, се победниците!

21. Кога овој Кур’ан би го објавиле на некое брдо... ќе го видиш брдото како ќе се здроби, плашејќи се од Аллах. Ете, тоа се примерите кои Ние ги изнесуваме за луѓето да размислуваат!

22. Он е Аллах! Нема друг бог освен Него; Зналец на видливото и невидливото. Он е Милостив и Сомилосен!

23 Он е Аллах! Нема друг бог освен Него! Владар, Свет, Спасител, Мирољубив, Заштитник, Силен, Моќен, Горд! Славен нека е Аллах, високо над она што Му го здружуваат!

24. Он е Аллах! Создател, Творител, Обликувач! Најубавите имиња се - Негови! Него го слави и она што е на небесата и она што е на Земјата! Он е Силен и Мудар!
Odgovori


Skoči na Forum: