Ocena Teme:
  • 1 Glasov(a) - 5 Prosečno
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Али Имран (Семејството Имраново)
#1
Rainbow 
3.СУРА

АЛИ ИМРАН (Семејството Имраново)

Медина - 200 ајети

Во името на Аллах, Милостивиот Сомилосен!

1. Елиф, лам, мим!

2. Аллах! Нема друг бог освен Него! Жив и Постоен!

3. Он ти објави Книга, со Вистина и со Потврда за она што беше: Он објави и Теврат и Инџил

4. пред тоа; Патоказ за луѓето, а објави и Одделувач на вистината од невистината. Болна казна ќе имаат оние кои не ги признаваат ајетите Аллахови, навистина! А Аллах е Силен и Строг!

5. Од Аллах, навистина, ништо не може да се сокрие: ни на Земјата ни на небесата!

6. Он со посак Свој ви дава изглед во утробите. Нема друг бог освен Аллах. Силен и Мудар!

7. Он ти објави Книга. Во неа има ајети едноставни. Овие се мајка на Книгата. И ајети сложени. Што се однесува до оние кои во срцата свои имаат скршнување ги следат, заради збрка и свое толкување, ајетите сложени. Толкувањето нивно го знае само Аллах и оние кои се нурнале во знаење. Овие велат: “Ние веруваме во сето тоа и во сето она што е од Господарот наш. За тоа се сеќаваат само надарените со разбир!

8. Господаре наш, не скршнувај ги срцата наши кога веќе ги упати и дарувај ни од милоста Твоја. Ти си, навистина, Дарител!

9. Господаре наш Ти си, навистина Збирач на луѓето на Денот во кој нема сомнение. Аллах, секако, нема да ја занемари Средбата!

10. Кај Аллах, нема да им користат на оние кои не веруваат ни делата нивни, ни децата нивни, навистина! Оние се гориво за оган,

11. како семејството на фараонот и оние пред нив. Ги сметаа за лажни ајетите наши и Аллах, заради гревовите нивни, ги снема. Аллах е Строг Казнувач!

12. Кажи им на оние кои не веруваат: “Ќе бидете победени и збрани во Џехеннемот. Е, само колку одвратно престојувалиште е тоа!”

13. Имавте знамение во двете спротиставени дружини: едната која се бореше на Аллаховиот пат, а другата: неверничка што & се причинуваше дека е двојна поголема од неа. Аллах поддржува кого сака. Во тоа, секако, има ибрет за надарените со јасен поглед.

14. На луѓето им се разубавуваат работите кои ги сакаат: жените, децата, ковчезите полни со злато и сребро, спремните коњи, добитокот и посевите. Ете, тоа е благодат на овој свет. А во близината Аллахова е најубавото престојувалиште!

15. Кажи: Да ве известам ли за неколку работи кои се подобри од сето ова? Богобојазливите, кај Господарот свој, имаат бавчи низ кои реки течат; во нив за навек ќе останат. Таму има и чисти жени и задоволство Аллахово. А Аллах ги гледа робовите,

16. оние кои зборуваат: “Господаре наш, ние, навистина, веруваме. Прости ги, тогаш, гревовите наши и сочувај не од казната огнена!

17. Оние: трпеливите, искрените, потчинетите, дарителите и оние кои бараат прошка во мугрите!

18. Аллах сведочи, а и мелеките и учените сведочат дека нема друг бог освен Него. Чувар, навистина, на правдата. Нема друг бог освен Него; Он е Силен и Мудар!

19. Аллаховата вера е - Исламот, навистина! Оние со дадената им Книга се разединија токму тогаш кога им дојде знаење. Беа еднинадруги себични. А оној кој не ги признава ајетите Аллахови... па, Аллах е Брз Пресметувач, навистина!

20. Ако, пак, се расправаат, кажи: “ Лицево мое единствено го предавам на Аллах, а и оние кои ме следат. Кажи им на оние со дадената им Книга и на незнаенковците: “Нема ли да ја прифатите Послушноста? Ако ја прифатат Послушноста, тогаш, ќе одат по Патоказот, а ако, пак, ги свртат плеќите... твое е, секако, само да известиш, а Аллах ги гледа робовите!

21. Извести ги оние кои не ги признаваат ајетите Аллахови, и оние кои ги убиваат пејгамберите бесправно, и оние кои ги убиваат луѓето кои наредуваат правда... дека за нив има казна болна.

22. Делата на онаквите се безвредни и на овој свет и на Ахирет. За нив нема поддржници!

23. Не гледаш ли дека оние до кои дојде дел од Книгата како повикуваат меѓу нив да се суди според Книгата Аллахова, а една дружина од нив ги врти плеќите? А оние се, токму, рамнодушните,

24. затоа шо, навистина, зборуваат: Огнот ќе не пржи само неколку дена.А клеветењата нивни ги туркаат во верата нивна.

25. Па, како ќе биде кога Ние ќе ги збериме на Денот во кој нема сомнение, и кога секој ќе си го добие она што си го спечалил? И не ќе бидат оштетени!

26. Кажи: “О Аллах, власта е во рацете Твои: ја даваш кому сакаш и ја одземаш од кого сакаш. Ти со посак Свој воздигнуваш, и Ти со посак Свој понижуваш. Доброто е во рацете Твои. Ти си, навистина, Кадар за се!

27. Ти ја внесуваш ноќта во денот и Ти го внесуваш денот во ноќта; Ти вадиш живо од мртво и Ти вадиш мртво од живо. Ти, кого сакаш,снабдуваш неизмерно!

28. Верниците не ги земаат неверниците за заштитници наместо верниците. Сторителот на тоа нема ништо кај Аллах. Направете го тоа само ако се плашите од нив. Аллах ве опоменува за Себе и свратилиштето е кон Него.

29. Кажи:Ќе го криете ли она што е во срцата ваши или ќе го обелоденувате - Аллах знае.И Он го знае се она што е на небесата и се она што е на Земјата. Аллах е Кадар за се!

30. На Денот кога душата пред себе ќе си го најде доброто што си го спечалила, и злото што си го спечалила; ќе посака помеѓу нив и него да има далечина голема. Аллах ве опоменува за Себе. Аллах е Сочувствителен кон робовите Свои!

31. Кажи: Ако го љубите Аллаха па, следете ме! Аллах ќе ве љуби и ќе ви ги прости гревовите ваши. Аллах е Простувач и Сомилосен!

32. Кажи: Бидете послушни и на Аллах и на пејгамберот! Ако ги свртите плеќите... та, Аллах не ги љуби неверниците, навистина!

33. Аллах, секако, ги избра и Адема и Нуха и семејството Ибрахимово и семејството Имраново меѓу луѓето,

34. потомство едниодруги; а Аллах е Слушач и Зналец!

35. Кога жената Имранова рече: Господаре, ова што е во утробава Тебе ти го ставам во служба, навистина! Па, прими го од мене. Ти си Слушач и Зналец!

36. И бидејќи се породи, рече: Господаре, родив женско”, а Аллах знае што роди таа - а машкото не е како женското.И дадов име Мерјем. И, навистина, во пазувите Твои, ги склонувам неа и потомството нејзино од Шејтанот проколнат.

37. И Господарот нејзин, тогаш, ја прими убаво и ја порасна убаво. И на Зекерија ја довери на чување. Секојпат кога Зекерија ќе влезеше во Светилиштето ќе најдеше храна кај неа. Велеше: “Од каде ти е ова, Мерјем?” Таа велеше: Ова е од Аллах.” А Аллах, навистина, снабдува неизмерно кого сака!

38. Таму, молејќи Му се на Господарот свој, Зекерија рече: О Господаре мој, дарувај ми добро потомство. Ти си, навистина, Слушач на молбите!

39. И додека се клањаше во Светилиштето, стоејќи, мелеките го повикаа: Аллах, навистина, ќе ве зарадува со Јахја кој ќе го потврди зборот на Аллах, ќе биде првак, чист пејгамбер, меѓу добрите!

40. Рече: “О Господаре мој, како ќе имам дете а веќе староста ме совлада, а жената ми е неротка!?” Аллах рече: “Ете, така Аллах, со посак Свој, работи!

41. Зекерија рече: Господаре мој, дај ми знамение некакво!” А Аллах рече: Твое знамение е тоа што ќе можеш три дена да зборуваш со луѓето само со ишарети. И многу споменувај го Господарот! И слави Го и приквечерина и наутро!”

42. И кога мелеките рекоа: “О Мерјем, Аллах, навистина, те одбра и те очисти; Он те одбра над сите жени на светов!

43. О Мерјем, биди Му потчинета на Господарот твој! Падни Ми на сеџде, и поклони се со оние кои се поклонуваат!”

44. Ете, тоа се дел од кжуванјата за Тајната, што Ние ти ги објавуваме. Ти не беше таму кога оние ги фрлаа перцата свои за да видат кој од нив ќе се грижи за Мерјем, и ти не беше меѓу нив кога се караа.

45. И кога мелеките рекоа: О Мерјем, Аллах, навистина, ти донесува радосница; од Него збор: името му е Месих, син на Мерјем, ќе биде виден и на овој свет и на Ахирет и еден е меѓу блиските на Аллах.

46. Ќе им зборува на луѓето додека е во крошната, и кога ќе биде голем, и ќе биде меѓу добрите луѓе.

47. Таа рече: Господаре наш, како ќе имам дете кога ниеден маж, навистина, не ме допрел?” Он рече: Ете, така Аллах со посак Свој создава: кога нешто ќе реши само ќе рече: ‘Биди!’ - и тоа, токму, ќе биде.”

48. И Он го поучи и со Книгата, и со Мудроста, и со Тевратот, и со Инџилот

49. и, ете, пејгамбер до синовите Израилови: Ви дојдов со знамение од Господарот ваш. Ќе создадам за вас нешто, навистина, од кал што ќе биде слично на птица и ќе дувнам во него и, со одобрението Аллахово, ќе стане птица; ќе излечам слеп и лепрозен и ќе оживеам умрен, со одобрението Аллахово; ќе ви кажувам што јадете и што збирате во домовите ваши, со одобрението Аллахово. Ако сте верници ете, во тоа, навистина, имате знамение,

50. и, еве, тука сум да го потврдам Теврат и да ви дозволам нешто од она што ви беше забрането; и ви доаѓам со знамение од Господарот ваш. Па, плашете се од Аллах и бидете ми послушни!

51. Аллах, навистина, е Господар мој и Господар ваш... па, обожавајте Го! Ова е патот вистински!

52. И бидејќи Иса го усети неверувањето нивно, рече: Кои ќе ми бидат поддржници кон Аллах? Учениците рекоа: Ние ќе бидеме поддржници Аллахови, во Аллах веруваме, а ти биди сведок дека ќе бидеме, навистина, Послушни!

53. Господаре наш, ние веруваме во она што го објави и го следиме пејгамберот. Па, запиши не меѓу сведоците!

54. И неверниците измислуваа сплетки, но Аллах ги отстрануваше, зашто Он е Најдобриот во тоа!

55. Кога Аллах рече: “О Иса, навистина, ќе те земам и ќе те воздигнам кон Мене, и ќе те очистам од оние кои не веруваат и ќе определам оние кои те следат да бидат над оние кои не веруваат, на Денот суден. Потоа Мене ќе ми се вратите па ќе ви пресудам за она за што станавте деленици!

56. А што се однесува, пак, до оние кои не веруваа ќе ги казнам со казна жестока и на овој свет и на Ахирет; ќе немаат свои поддржници!

57. Со обилност ќе ги наградам оние кои веруваат и кои работат добри дела. Аллах не ги љуби зулумќарите!

58. Ете, тоа се ајети кои Ние ти ги кажуваме и Опомена мудра!

59. Да, кај Аллах примерот на Иса е сличен на примерот на Адем: Он од земја го создаде, а потоа рече: Биди! - и тој, токму, би .

60. Вистината е од Господарот твој и, тогаш, немој да бидеш меѓу сомневачите!

61. На оние кои расправаа со тебе за него, по знаењето кое ти дојде, па, кажи им: “Дојдете, ќе ги повикам и синовите наши и синовите ваши, жените наши и жените ваши, и ние лично и вие лично да се помолиме понизно и проклетството Аллахово врз лажговците да го повикаме.

62. Ова се, секако, кажувања вистински. Нема друг бог освен Аллах! Аллах, навистина, е Силен и Мудар!

63. Па, ако оние ги свртат плеќите... та, Аллах, навистина, ги знае безредниците!

64. Кажи: О Следбеници на Книгата, дојдете кон Зборот кој е и ваш и наш: само еден Аллах да обожаваме, ништо да не Му припишуваме и други божества, освен Него, да не прифаќаме. Па, ако ги свртат плеќите, кажете: Сведочиме дека сме Послушни, навистина!”

65. О Следбеници на Книгата, зошто расправате за Ибрахим: објавувањето на Теврат и на Инџил е по него. Нема ли да се вразумите?

66. Ете, вие сте оние кои расправате за она за што, токму, малку знаете... па, зошто расправате за она за што ништо не знаете? Аллах знае, а вие не знаете!

67. Ибрахим не беше ни Евреин ни христијанин, туку беше чист и Послушен: не беше меѓу многубошците.

68. Најголемите заштитници на Ибрахим меѓу луѓето, секако, се следбениците негови, овој пејгамбер и верниците. А Аллах е Заштитник на верниците.

69. Некои Следбеници на Книгата кон беспаќето сакаат да ве насочат, но оние самите кон беспаќето се насочуваат, но, ете, тоа не го усетуваат!

70. О Следбеници на Книгата, зошто не ги признавате ајетите Аллахови, а вие сведочите?

71. О Следбеници на Книгата, зошто вистината ја покривате со невситина и, знаејќи, вистината ја криете?

72. Една дружина меѓу Следбениците на Книгата, зборуваше: Верувајте на почетокот на денот во она што им е објавено на оние кои веруваа, а не верувајте на крајот на денот за оние да се вратат?

73. И не верувај никому, освен на оние кои ја следат верата твоја! Кажи: “Навистина, Аллаховиот Патоказ е - вистинскиот Патоказ: нему обајвеното слично е на нам објавеното.” Инаку ќе расправаат за Аллах. Кажи: “Добротата, секако, е во рацете на Аллах; Он со посак Свој ја дава. А Аллах е Неизмерен и Зналец!”

74. И Он, со посак Свој, ја дарува милоста Своја. А Аллах поседува добрина голема!

75. Меѓу Следбениците на Книгата има и такви кои, ако им довериш товар злато, ќе ти го вратат, а меѓу нив има и такви кои, ако им довериш еден динар, нема да ти го вратат. Постојано треба да го следиш заради тврдењето нивно: “Што се однесува до незнаенковците Ние сме обврзани да постапиме на друг начин.” За Аллах, иако знаат, лага зборуваат.

76. Но, не! Туку секој оној што ќе го исполни ветувањето свое и кој е богобојазлив... Аллах, навистина, ги љуби богобојазливите!

77. Да, оние кои го заменуваат ветувањето Аллахово и своите заклетви со нешто малку вредно, на Ахирет, никакво добро не ќе имаат. Аллах со нив не ќе зборува, на Денот суден нема да им обрне внимание и нема да ги очисти. За нив има казна болна!

78. Меѓу нив има една дружина луѓе кои превртуваат со јазиците свои, читајќи ја Книгата за да помислите дека тоа е од Книгата, а тоа не е од Книгата, и зборуваат дека тоа е од Аллах а не е од Аллах. За Аллах, иако знаат, лага зборуваат!

79. На еден човек кому Аллах му објави и Книга и Мудрост и пратеништво не му одговара да им зборува на луѓето: “Бидете мои, а не Аллахови робови!” Туку зборува: “Бидете Аллахови робови, зашто во Книгата поучувате и во неа истражувате.”

80. Нема да ви наредуваат да ги земате мелеките и пејгамберите за господари. Зарем ќе ви наредуваат неверство кога сте веќе Послушни?

81. И кога Аллах од пејгамберите го прифати Договорот -: Секојпат кога ќе ви обајвев од Книгата и од Мудроста и кога потоа ќе ви дојдеше пејгамбер, кој ќе го потврдеше она што веќе го имавте, ќе поверувавте ли во тоа и ќе му помогневте ли? Рече: Ќе прифатите ли? Ќе примите ли обврска од мене?”Рекоа: Прифаќаме. Рече: Посведочете, и јас сум од вас, меѓу оние кои сведочат.

82. Па, оние кои ќе ги свртат плеќите... оние, токму, се расипаните!

83. Покрај Аллаховата ли вера оние бараат друга? И она што е на небесата и она што е на Земјата, сака или не сака, на Аллах е полсушно. Нему ќе Му се вратат.

84. Кажи: “Ние веруваме и во Аллах и во она што ни е објавено, и во она што е објавено на Ибрахим, и на Исмаил, и на Исхак, и на Јакуб, и на внуците; и во она што му е дадено на Муса и на Иса - пејгамберите од Гоподарот нивни. Меѓу нив ние никаква разлика не правиме. Ние сме само Нему послушни!

85. На оној кој сака друга вера освен Послушноста - нема да му се прими. Но, тој на Ахирет ќе биде меѓу поразените.

86. Како Аллах ќе го упати еден народ чии приврзеници не веруваа, а пред тоа веруваа, и сведочеа дека пејгамберот е вистински, и им доаѓаа јаснотии! А Аллах нема да го упати народот невернички!

87. Казната нивна е: проклетството Аллахово, проклетството на мелеките и на сите луѓе;

88. во него оние за навек ќе останат; нема да им се олесни и нема да бидат погледнати,

89. освен на оние кои потоа ќе се покајат и ќе се поправат. Па, Аллах е Простувач и Сомилосен, навистина!

90. Покајанието на оние кои не веруваат, навистина, зацврстувајќи го ова, по верувањето нивно нема да им биде примено. Оние се, токму, беспаќниците!

91. Неверниците кои ќе умрат, секако, како неверници како откуп ни сето злато со кое е исполнета земјата не ќе им биде примено; тие ќе имаат казна болна и тие ќе немаат поддржници!

Џуз 4


92. Нема да постигнете доброчинство се додека не го поделите она што го сакате; и за се што ќе поделите па, Аллах, навистиа, знае за тоа!

93. Секоја храна им беше халал на синовите Израилови, освен онаа што ја забрани Израил за себе пред да му биде објавен Теврат. Кажи: Па, донесете Теврат, кажувајте го ако сте искрени.”

94. А оние кои, потоа, фрлаа лага врз Аллах - та, зулумќари се!

95. Кажи: “Аллах зборува вистина. Следете ја, тогаш, чистата вера Ибрахимова. Тој не беше меѓу многубошците.

96. Прва Куќа која беше подигната за луѓето е онаа во Мекка, навистина, благословена, Патоказ за световите:

97. во неа се знаменијата јасни, и местото Ибрахимово. И кој ќе влезе во неа е безбеден. Хаџџот на Куќата заради Аллах, е обврска за секој кој е во можност - за оној кој ќе се најде на пат. А оној кој не верува - та, Аллах е Независен од луѓето!

98. Кажи: “О Следбеници на Книгата, зошто не ги признавате знаменијата Аллахови, а Аллах е Сведок за она што го работите?

99. Кажи: “О следбеници на Книгата, зошто го одвраќате оној што верува сакајќи да му го расипете Аллаховиот пат, а сведоци сте. А Аллах не е невнимателен кон она што го работите!”

100. О верници, ако и бидете послушни на една дружина од оние со дадената им Книга ќе ве вратат, по верувањето ваше, во неверување.

101. Па, како можете да не верувате кога веќе ви беа кажувани ајетите Аллахови и кога меѓу вас е пејгамберот Негов? А кој цврсто држи до Аллах веќе е упатен по патот вистински.

102. О верници, плашете се од Аллах со плашливост вистинска. И умрете само како Послушни!

103. И држете се цврсто - сите - за јажето Аллахово; не разединувајте се и сетете се за благодатите Аллахови кон вас: “И сетете се кога бевте непријатели. Он, тогаш, ги обедини срцата ваши; потоа, со благослов Негов, станавте браќа. И кога бевте на границата од огнената бездна - ве избави од тоа! Ете, така Аллах ви ги објаснува ајетите Свои за да бидете упатени.

104. Нека една дружина од вас повикува кон добро: нека наредува добро, и нека забранува зло. Онаквите, токму, се спасени!

105. И не бидете како оние кои се разгранаа или разединија по јаснотиите кои им дојдоа; да, за нив има казна голема

106. на Денот кога некои лица ќе побелат и кога некои лица ќе поцрнат. Што се однесува до оние чии лица ќе поцрнат: “По верувањето ваше не верувавте; па, пробајте ја казната затоа што не верувавте!

107. А што се однесува, пак, до лицата кои ќе побелат во милоста Аллахова ќе се најдат. Оние во неа за навек ќе останат.

108. Ете, тоа се ајетите Аллахови кои вистински ти ги кажуваме! А Аллах не посакува да направи зло на луѓето!

109. Се што е на небесата и на Земјата е - Аллахово! Стварите кон него се враќаат!

110. Вие сте најдобрата заедница за луѓето која се појави: наредувате добро, одвраќате од зло; и верувате во Аллах. А кога Следбениците на Книгата би верувале - тоа би било подобро за нив. Меѓу нив има верници, но мнозинството од нив се расипани!

111. Оние никогаш не ќе ви нанесат зло; само ќе ве вознемируваат. А ако, пак, ви објават војна ќе се дадат во бегство, а потоа нема да им се помогне.

112. Каде било да се најдат понижување ќе ги снајде, ако не се под закрилата Аллахова и закрилата на луѓето. Аллаховата лутина ја предизвикуваат. И беда ќе ги снајде. Ете, тоа е заради: неверувањето нивно во знаменијата Аллахови, убивањето бесправно на пејгамберите, затоа што беа непослушни и затоа што претеруваа.

113. Не се исти следбениците на Книгата. Меѓу нив има заедница стабилна, кои ги кажуваат ајетите во текот на ноќта, токму, на сеџде паѓајќи;

114. веруваат и во Аллах и во Денот ахиретски, наредуваат добро и одвраќаат од зло ; се натпреваруваат во добри дела. Онаквите се меѓу добрите луѓе ;

115. и какво било добро да сработат па, нема да им биде занемарено. Аллах знае за богобојазливите!

116. Да, на неверниците нема да им помогне кај Аллах во ништо: ни имотот нивни, ни децата нивни ; оние се жители џехеннемски и во него за навек ќе останат .

117. Она што ќе го поделат во животот на овој свет слично е на посевот на оние кои згрешиле против себе - кога ќе го погоди ветар ладен па, ќе го уништи. Оние на Аллах зло не Му нанесоа туку себеси зло си нанесоа!

118. О верници, не земајте доверители други луѓе освен меѓу вас ; вашите нема да ве изневерат . Оние, освен вас, сакаат да ве видат нурнати во пропаст. Омраза од нивните усти излегува, а она што го кријат во градите свои е поопасно. Така Ние ви ги објаснуваме знаменијата Наши само ако сфаќате!

119. Вие, ете, нив ги љубите а тие не ве љубат. Вие во Книгата верувате, целосно! Кога ќе ве сретнат, зборуваат: “Ние веруваме ;” а кога, пак, ќе се осамат, заради нивната омраза кон вас, ги гризат врвовите од прстите свои. Кажи: “Умрете во вашата омраза!” Аллах, навистина, го знае она што е во градите!

120. Кога ќе ви се случи добро - лошотија ги обзема, а кога ќе ви се случи зло - радост ги обзема. Нивната сплетка - ако сте трпеливи и богобојазливи - во ништо не ќе ви наштети. Аллах, навистина, го опфаќа она што го работат!

121. И кога ти на верниците, наутро, оставајќи го семејството, им го определи местото за борба... Аллах е Зналец и Слушач!

122. И кога две племиња од вас не сакаа да се поместат... Аллах ги заштити. Па, врз Аллах нека се потпираат верниците!

123. Аллах, на Бедр, ви помогна. Мал број бевте. Па, плашете се од Аллах за да бидете благодарни! -

124. и кога ти им рече на верниците: “ Нема ли да ви биде доволно тоа што Господарот ве поддржа со спуштање три илјади мелеки?

125. Да, ако бидете трпеливи и богобојазливи; и, ако оние ве нападнат, во тој случај, Аллах ќе ве поддржи со пет илјади мелеки, обележени!

126. Аллах сака да ве зарадува, да ги смири срцата ваши. Помошта доаѓа само од Аллах, Силен и Мудар!

127. Една дружина сака да ја разбие од онаквите неверници, или да ги фрли низ стрмнина, па, да се вратат поразени.

128. Да, ти ништо не можеш да им направиш: Он ќе им прости или ќе ги казни. Оние, навистина, се зулумќари!

129. Се што е на небесата и на Земјата е - Аллахово! Аллах простува кому сака и казнува кого сака. Аллах е Простувач и Сомилосен!

130. О верници, не јадете од лихвата која се удвојува и плашете се од Аллах за да бидете спасени!

131. И плашете се од огнот кој е за неверниците подготвен!

132. Бидете послушни и на Аллах и на пејгамберот за да бидете смилувани!

133. И побрзајте кон прошката од Госпопдарот ваш и кон Џеннетот кој се простира колку небесата и Земјата - подготвен за богобојазливите,

134. за оние кои делат и кога се во радост и кога се во мака, и кои ја надминуваат омразата, и кои им простуваат на луѓето. Аллах ги љуби доброчинителите!

135. И за оние кои, кога ќе направат срамно дело или кога ќе си нанесат напаст себеси, па, го споменуваат Аллаха и бараат прошка за гревовите свои, - а кој ќе ги простува гревовите освен Аллах? - и кои не се истрајни во она што го сработиле, и кои, токму, знаат...

136. нив ги чекаат: награда, прошка од Господарот нивни и бавчи низ кои реки течат. Оние во нив за навек ќе останат. Е, само колку е убава таа награда за оние кои го прават тоа!

137. Пред вас поминаа наследства многу... та, патувајте по земјата и гледајте каква беше казната за лашковците.

138. Ова е јаснотија за луѓето, а Патоказ и Ука за богобојазливите.

139 И не губете храброст и не разочарувајте се: како верници ќе бидете најсилни!

140. Ако ви се зададе рана, еднакво, се задава рана и на луѓето, навистина! А во тие денови меѓу луѓето даваме предност, наизменливо: Аллах, така, знае кои се верници и ги зема меѓу вас шехидите! Аллах не ги љуби зулумќарите!

141. И верниците Он да ги очисти а неверниците Он да ги снема.

142. Или сметате ли дека ќе влезете во Џеннетот, а Аллах да не знае за оние кои се бореа од вас и да не знае за трпеливите?

143. А вие веќе смртта ја посакавте веќе пред да се сретнете со неа и очигледно ја здогледавте.

144. Мухаммед е само пејгамбер! И пред него имаше пејгамбери па, ако умре или ако биде убиен ќе се вратите ли по стапалките ваши? А оној кој ќе се врати по стапалките свои на Аллах во ништо не ќе му наштети, а благодарните Аллах ќе ги награди!

145. Секој умира со одобрението Аллахово во часот определен. Од наградата ќе му дадеме на оној кој ја сака на овој свет и од наградата ќе му дадеме и на оној кој ја сака на Ахирет. Ние ќе ги наградиме благодарните!

146. И многу пејгамбери имаше со кои се бореа многу побожни луѓе и не губеа храброст заради она што им се случи на Аллаховиот пат, не се откажуваа и кои не се предаваа? А Аллах ги љуби трпеливите!

147. Единствени нивни зборови беа: Господаре наш, прости ги гревовите наши и пропустите наши во однесувањата наши, и помогни ни против народот невернички!”

148. Па, Аллах, тогаш, им даде награда на овој свет, и ќе им даде награда добра на Ахирет. Аллах ги љуби доброчинителите!

149. О верници, ако бидете послушни на неверниците Он ќе ве врати по стапалките ваши... та, ќе станете поразени.

150. Но, не! Аллах е Заштитникот ваш. Он од поддржниците е Најдобриот!

151. Во срцата на неверниците ќе влееме страв затоа што на Аллах другар му здружуваа, за кој Он никаков доказ не објави. Огнот е престојувалиштето нивно. Е, само колку лошо прибежиште за зулумќарите е тоа!

152. Аллах, секако, го исполни ветувањето Свое кон вас кога ги истребувавте, со одобрението Негово, непријателите с# до времето кога ослабнавте и расправавте за наредбата. Непослушни бевте по она што посакавте да го видите. Меѓу вас имаше: оние кои го сакаа овој свет и оние кои го сакаа Ахирет. Потоа Он ве одвои од нив за да ве испроба. И Он, секако, ви прости. Аллах поседува неизмерна добрина кон верниците!

153. Кога отстапивте, не управувајќи внимание кон никого, и кога пејгамберот ве повикуваше одназад Аллах ве казни со грижа над грижа за да не тагувате за она што ви се оддалечи и што не ви се случи. Аллах е Известен за она што го работите!

154. Потоа по тагата Он ви спушта смирна: “Некои од вас дремка ги обзема, а некои се грижеа за себеси. Овие за Аллах го помислуваа она што не е вистина, она што се помислуваше за Аллах во џахилијјетот, зборувајќи: “Што ни остана од таа победа?” Кажи: “Сета победа, навистина е - Аллахова!” Во нивните души го кријат она што пред тебе не го обелоденуваат. Зборуваат: “Да победевме не ќе изгиневме тука!” Кажи: “И да беа во куќите свои смртта ќе ги стигнеше, оние на кои им е запишано да умрат, на местата нивни. За Аллах да го испита она што е во градите ваши, и да го очисти она што е во срцата ваши. Аллах го знае она што го кријат градите!

155. Оние меѓу вас кои ги завртија плеќите на денот кога се сретнаа двете војски - Шејтанот ги натера да паднат заради она што порано го стекнаа. Аллах веќе им прости. Аллах е Простувач и Благ!

156. О верници, не бидете како неверниците кои, додека браќата нивни по земјата патуваат и битка бијат, зборуваат: Да беа со нас не ќе умреа и не ќе загинеа. Аллах сакаше со тоа да ги ожалости срцата нивни. Аллах оживува и Аллах усмртува. Аллах го гледа она што го работите!

157. А ако загинете на Аллаховиот пат или ако умрете, прошката и милоста Аллахова се подобри од она што го збираат.

158. Или да загинете или да умрете кај Аллах ќе се зберете.

159. Само со милоста Аллахова ти си благ кон нив. А да си груб и со тврдо срце ќе побегнат од тебе, далеку. Прости им, тогаш, и барај прошка за нив, и договарај се со нив во наредбата. А кога ќе решиш - потпри се врз Аллах! Аллах, навистина, ги љуби оние кои се потпираат врз Него!

160. А ако Аллах ви помогне па, не ќе ве победат, а ако Он ве остави кој, тогаш, по Него, ќе ви помогне? Па, верниците нека се потпираат врз Аллах!

161. На пејгамберот не му доликува да сокрие нешто. Оној што ќе сокрие нешто ќе го донесе на Денот суден. Таму секому ќе му се даде она што си го спечалил. И не ќе им се наштети.

162. Не се еднакви оној кој го заслужи задоволството Аллахово и оној кој ја предизвика лутината Аллахова. Престојувалиштето на овој е Џехеннемот. Е, само колку лошо свратилиште е тоа!

163. Кај Аллах има степени. А Аллах го гледа она што го работат!

164. Да, Аллах ги даруваше верниците: Кога помеѓу нив испрати пејгамбер од нив да им ги кажува ајетите Негови, да ги очисти и да ги поучи во Книгата, и Мудроста иако порано беа во заблуда очигледна!

165. Кога ве снајде неволја - каква што вие двојно возвративте на непријателот - вие рековте: Како сега ова? Кажи: Тоа е од вас самите? Аллах, навистина, е Кадар за се!

166. И она што ве снајде на денот кога се сретнаа двете војски - беше со одобрување Аллахово за да се знаат верниците,

167. и да се знаат дволичните кога им се рече: Дојдете! Борете се на Аллаховиот пат или бранете се! Рекоа: Да знаевме дека ќе има борба ќе ве следевме.” Тогаш, оние се поблиску до неверувањето отколку до иманот: го зборуваат со своите јазици она што не е во срцата нивни. Аллах најдобро го знае она што го кријат.

168. Оние кои им зборуваа на браќата свои и кои си седеа: Да не послушаа не ќе загинеа! Кажи: Ако сте искрени, тогаш, одгодете ја од себеси смртта.

169. И не сметајте ги за мртви оние кои загинаа на Аллаховиот пат. Но, не! Живи се. Кај Господарот нивни се снабдени,

170. и радосни се со она што им го даде Аллах од добрината Своја и донесуваат радосница за оние кои ќе им се приклучат по нив: Нема да стравуваат и нема да тагуваат.

171. Донесуваат радосница за бериќетот и добрината Аллахова, и дека Аллах, навистина, не ја смалува наградата на верниците.

172. Има голема награда за оние кои се оѕваа на повикот од Аллах и пејгамберот по задобиените рани, и кои добро работат и кои се богобојазливи... за нив има награда голема!-

173. на кои им рекоа луѓето: “Сите луѓе, навистина, се собрале против вас и чувајте се од нив” - и ова им го зголеми иманот и рекоа: “Аллах ни е Доволен. Е, само каков Закрилник е Он!”

174. Па, се опсипаа со бериќетот и добрината Аллахова; злото не ги допре. Го следеа задоволството Аллахово. А Аллах поседува добрина голема.

175. Вас само Шејтанот ве заплашува, навистина, со неговите заштитници. Па, од нив не плашете се туку, ако сте верници, од Мене плашете се!

176. Нека не те загрижуваат оние кои се стремат да одат во пропаст. Во ништо, навистина, на Аллах нема да му наштетат. Аллах сака да не им даде награда на Ахирет. За нив има казна голема!

177. Да, оние кои го купуваат неверувањето за верување во ништо на Аллах нема да му наштетат. За нив има казна болна.

178. Оние кои не веруваат нека не мислат дека, навистина, е добро за нив тоа што им дадовме долг живот. Долг живот Ние им дадовме само да им го зголемиме гревот, навистина! За нив има казна срамна.

179. Аллах нема да ги остави верниците во таа состојба во која сте вие додека Он не го одвои доброто од лошото. Аллах не ви ја обелоденува Тајната, туку Аллах одбира, меѓу пејгамберите, со посак Свој. И верувајте, тогаш, во Аллах и во пејгамберите Негови. Ако верувате и ако се плашите - па, за вас има награда голема!

180. Нека не мислат оние кои скржават во она што Аллах им даде од добрината Своја дека е тоа добро за нив, туку тоа е лошо за нив: На Денот суден она во што скржават ќе им биде за врат обесено. Миразот на небесата и на Земјата е - Аллахов! А Аллах е Известен за она што го работите.

181. А Аллах веќе го слушна зборот на они кои зборуваа: “Аллах, навистина, е сиромашен, а ние сме богати.” Ќе го запишеме она што го зборуваа и убивањето на пејгамберите бесправно, и ќе речеме: “Искусете ја казната огнена!

182. Ете, тоа е заради она што го направија рацете ваши, а Аллах, навистина, не е неправеден кон робовите!

183. Оние кои зборуваа: Да, Аллах ни нареди да не му веруваме на ниеден пејгамбер додека не ни дојде со курбан што ќе го спржи огнот.” Кажи: “И порано, секако, ви доаѓаа пејгамбери и со јаснотии и со она што го зборувате - е, па, зошто ги убивавте ако сте искрени?

184. Ако те сметаат за лашко - па, и пејгамберите пред тебе, кои доаѓаа со јаснотии и со страници-сахифи и со Книга просветлена, се сметани за лашковци.

185. Да, секој ќе ја проба смртта, и само на Денот суден ќе ви се исполнат наградите. Кој ќе се оддалечи од огнот а ќе влезе во Џеннетот - тој веќе победи; животот на овој свет е само лажно уживање.

186. Да, ќе бидете ставени во искушение и со имотите ваши и со животите ваши, и ќе се наслушате со многу навреди врз некои од оние пред вас на кои им е дадена Книгата. А ако сте, пак, трпеливи и богобојазливи - па, тоа, токму, е една од големите работи.

187. И кога Аллах го прифати Договорот од оние на кои им е дадена Книгата: “Вие ќе им го објасните на луѓето и нема да го криете” - и оние го занемарија и го продадоа за мала вредност. Е, само колку е лошо она што го послуваат!

188. И не мисли никако дека оние кои се радуваат со даденото им и кои сакаат да им се заблагодари за несработеното и не сметај ги... дека ќе бидат спасени од казната. За нив има казна болна!

189. Власта и на небесата и на Земјата е - Аллахова! Аллах е Кадар за се!

190. Во создавањето на небесата и Земјата и во промената на денот и ноќта за надарените со разум, навистина, има знаменија,

191. за оние кои го споменуваат Аллаха и стоејќи и седејќи и лежејќи и кои размислуваат за создавањето на небесата и на Земјата: “Госпопдаре наш, ти ова не го создаде залудно. Возвишен си Ти, сочувај не од казната огнена!

192. Господаре наш, оној што ќе го фрлиш во огнот, навистина, си го понижил. За зулумќарите нема поддржници.

193. Господаре наш, ние, секако, чувме еден повикувач што повикуваше во иман: ‘Верувајте во Господарот ваш!’ Ние веруваме, Господаре наш, прости ни ги гревовите и занемари ги пропустите наши и одреди да умреме заедно со добрите!

194. Господаре наш, дај ни го она што им го вети на пејгамберите Твои. Не понижувај не на Денот суден. Ти, навистина, ветувањето не го занемаруваш!

195. И Господарот нивни, тогаш, им возврати на молбата нивна: “Не ќе го поништам, навистина, делото на оној кој ќе го направи од вас, било машко или женско, зашто вие сте еднизадруги. А оние кои се иселија и кои беа прогонети од огништата свои, и кои беа малтретирани на Мојот Пат и кои се бореа и кои гинеа ќе им ги простам гревовите нивни и ќе ги воведам во бавчите џеннетски низ кои реки течат. Наградата е - Аллахова! А кај Аллах наградата е најубава!

196. И никако нека не те измами патувањето по земјата на оние кои не веруваат!

197. Малку задоволство, а потоа престојувалиштето нивно е - Џехеннемот. Е, само колку лошо прибежиште е тоа!

198. Но, богобојазливите, од Господарот нивни, ги чекаат бавчи џеннетски низ кои реки течат; во нив за навек ќе останат, и таква е, ете, почивката кај Аллах. А она што е добро кај Аллах најдобро е за доброчинителите!

199. Меѓу следбениците на Книгата има кои веруваат и во Аллах и во она што вам ви се објавува и во она што им е објавено, и кои се плашат од Аллах и кои не ги продаваат зборовите Аллахови за безвредно. Наградата нивна е кај Господарот нивни. Аллах, навистина, е Брз Пресметувач!

200. О верници, бидете трпеливи и издржливи, држете се цврсто и плашете се од Аллах за да бидете спасени!
Odgovori


Skoči na Forum: